Црвена звезда лесно со Будуќност

Црвена звезда ја оправда фаворитската улога во полуфиналната серија од АБА против Будуќност, славејќи над црногорскиот шампион со резултат 82-67 за водство од 1-0. Сосема очекувано, „црвено-белите“ уште во првото полувреме го наметнаа своето препознатливо темпо кое беше неиздржливо за противникот, па без поголеми проблеми стигнаа до оваа победа.

Црногорците успеаја да парираат само до 9. минута, кога резултатот гласеше 13-14. Црвена звезда потоа набрзина го сврте резултатот и поведе со 21-17 на крајот од четвртината, за потоа бранителот на трофејот во вториот период да додаде гас и во 19. минута да стигне до првото двоцифрено водство (39-29) преку Кузмиќ. На одмор се замина со предност на тимот на Дејан Радоњиќ од 43-31, а домаќините продолжија да доминираат и во второто полувреме, па по само три минути игра резултатот веќе гласеше преубедливи 52-33.

Гостите се обидоа да се вратат со шутеви од далечина, но ова оружје вечерва воопшто не им функционираше, па натпреварот заврши со заслужена и убедлива победа на Црвена звезда од 82-67.

Марко Симоновиќ беше прв стрелец на победничкиот тим со 18 поени за 24 минути игра, исто толку реализираше и Гудуриќ, додека Кузмиќ реализираше 14 поени, додека најефикасен кај Будуќност беше поранешниот член на МЗТ Скопје, Овен Класен со 12 поени.

Се вчитува...