Рекордни премии за Германците за триумф на СП

Германија ќе ја брани светската фудбалска круна на СП во Русија, а Јоаким Лев и неговите избраници ќе имаат дополнителен мотив во атакот на ново злато со рекордните премии што им се ветени од страна на Германската Фудбалска Федерација.

Како што јавува „Билд“, состанокот меѓу фудбалерите и челниците на федерацијата вродил со плод, па репрезентативците ќе добијат по 350.000 евра доколку успеат да стигнат до нова светска титула. Само за споредба, германските асови заработија по 300.000 евра за својот триумф на последниот мундијал во Бразил. Договорено е да нема никаква премија за пласманот во групната фаза и евентуалното играње во осминафиналето. Наградите доаѓаат од четвртфиналето, и тоа скромни 75.000 евра по фудбалер, за пласман во полуфиналето германските фудбалери ќе добијат по 125.000 евра, за третото место по 150.000 евра, а за пласман и пораз во финалето предвидената премија изнесува 200.000 евра.

„Нападот на златото е доволен мотив за самите фудбалери, но во секој случај ние сме подготвени да им дадеме богат бонус. Разговорите со капитенот Мануел Нојер секогаш беа фер, отворени и воопшто не беа компликувани. Експресно се договоривме, што е уште еден доказ за соработката на највисоко ниво меѓу федерацијата и репрезентацијата“ – изјави претседателот на Германската Фудбалска Федерација, Рајнхард Гриндел.

Се вчитува...