АБА Суперкуп: Морнар го зеде скалпот на Партизан

Партизан е елиминиран од битката за Суперкупот на АБА-лигата откако „црно-белите“ вечерва во последната четвртфинална пресметка загубија од Морнар со убедливи 91-77. Црногорските кошаркари знаеја како да ја искористат предноста на домашниот терен, па со фуриозна игра направија огромен пресврт, од „минус десет“ во третата четвртина на крајот триумфирајќи со 14 поени разлика. Големите осцилации во играта на „црно-белите“ се добра вест и за МЗТ Скопје, со оглед на фактот дека токму Партизан за десетина дена ќе му биде прв ривал на македонскиот првак на стартот од новата сезона во АБА-лигата.

Откако Цедевита прва стигна до билет за полуфиналето, во втората четвртфинална пресметка Мега бемакс триумфираше над Игокеа со резултат 83-72. Предраг Самарџиски настапи за победничкиот тим, но не постигна ниту еден единствен поен, а газдата на Мега, Мишко Ражњатовиќ, уште еднаш покажа „нос за таленти“ носејќи го во својот тим младиот Американец Дилан Енис, кој беше незапирлив со 23 поени, пет скока и три асистенции.

Будуќност по голема битка го совлада тимот на Цибона со 96-90, откако црногорскиот првак дури во четвртата четвртина направи пресврт, добивајќи ги последните десет минути со резултат 29-18 и трасирајќи си го патот кон полуфиналето. Ивановиќ со 19 и Николиќ со 17 поени беа најефикасни кај Будуќност, додека прв стрелец на Цибона при денешниот пораз беше Новачиќ со 20 поени.

Во полуфиналните пресметки в петок ќе се сретнат Морнар – Будуќност и Мега – Цедевита.

Се вчитува...