Аеродром лесно се освојува: МЗТ капитулираше и пред Цибона

МЗТ Скопје во петтото коло го претрпе и третиот пораз во АБА-лигата, овојпат на домашен терен од екипата на Цибона со резултат 76-83. Слично како и на претходниот домашен дуел, и овојпат „металците“ играа егал во поголемиот дел од средбата, но немаа концентрација кога беше најважно и на крајот претрпеа уште еден пораз во Аеродром, во салата каде се надеваа на далеку подобар ефект од овие почетни 1-2 на дуелите со Партизан, Задар и Цибона.

Гостите го почнаа мечот без своите најдобри кошаркари, Марко Томас и Лука Жориќ во стартната петорка. Лалиќ и Трајковски одлично стартуваа за МЗТ, носејќи рано водство од 9-4, а кога Трајковски погоди и втора тројка во серија гостинскиот тренер побара тајмаут при предност на македонскиот првак од 14-7. Веднаш по тајмаутот Жориќ и Томас влегоа во игра, па гостите од Загреб заиграа подобро во одбрана и на една минута пред крајот на четвртината дојдоа на „минус еден“ (19-18), за по десет минути игра резултатот да гласи 22-22, по положувањето на Бојан Трајковски (негов 12. поен на мечот).

mzt-cib-23.10 (23)

Гостите инсистираа на шутеви од далечина на стартот од втората четвртина и промашуваа, а МЗТ знаеше како да го казни тоа, „металците“ набрзина постигнаа седум поени (пет од нив на Гарсија) и го натераа Суботиќ повторно да побара тајмаут. По минутата одмор во ритам влезе Жориќ, но МЗТ Скопје во своите редови го имаше расположениот Трајковски, кој со нови две тројки го донесе македонскиот првак на „плус осум“ (39-31). При овој резултат „металците“ не искористија напад за „плус десет“, за Цибона за нешто повеќе од една минута по двете тројки на Марко Томас да израмни на 39-39. Тодоров зеде тајмаут, но не успеа да ја прекине серијата на противникот, па гостите од Загреб во следните два напади погодија уште две тројки и поедоа со 39-45. Конечно, од втор обид погоди Дамјан Стојановски прекинувајќи ја серијата од над три минути на “металците“ без постигнат поен (период во кој гостите направија 14-0). МЗТ сепак се разбуди пред самиот крај, па на одмор се замина со израмнети 46-46, по одличната акција и забивањето на Лалиќ на асистенција на Гарсија.

mzt-cib-23.10 (22)

Одбраните на двата тима не функционираа на стартот од третиот период, а Цибона прва посериозна се одлепи поведувајќи со 58-63 со тројката на Томас. Гостите имаа и 58-65, но МЗТ се врати благодарение на тројката на Гарсија, во следниот напад положи Дамјан Стојановски, за во 29. Минута да се проследи и најубавата акција на мечот, што Минчев ја заврши со цепелин на асистенција на Гарсија и намалување на 65-67. Македонскиот првак имаше и напад за израмнување, но не упати удар за 24 секунди, па во последните десет минути се влезе со водство на гостите од два поени.

„Металците“ катастрофално ја почнаа четвртата четвртина, губејќи три топки за помалку од две минути, по што Цибона набрзина поведе со 65-72. Овојпат Гарсија промаши две тројки, но „металците“ покажаа знаци на живот откако Лалиќ погоди под кошот, притоа изнудувајќи и лична грешка од Жориќ. За жал, кризата потоа продолжи, па дури откако хрватскиот состав поведе со 67-76 Тодоров побара тајмаут во обид да го разбуди заспаниот тим на МЗТ Скопје. Одбраната делуваше поцврсто, проработе и нападот, па „металците“ набрзина се доближија на 72-76. Трајковски намали на 74-76, но Марко Томас од линијата за слободни фрлања ја прекина серијата од 7-0 на МЗТ.

mzt-cib-23.10 (17)

На 106 секунди пред крајот Тодоров зеде нов тајмаут при резултат 74-78, а веќе во следниот напад Трајковски погоди од рекетот за намалување на два поени разлика. Томас искусно го мина Минчев и изнуди лична грешки за нови две слободни фрлања, од кои кошаркарот на Цибона реализираше само едно. МЗТ и во следната акција отиде преку Трајковски, но крилниот центар овојпат не беше прецизен. Жориќ положи крај Лалиќ на спротивната страна, а шансите за камбек исчезнаа по промашената тројка на Гарсија, за Цибона да го добие овој натпревар со 76-83.

Трајковски постигна 25, а Лалиќ 16 поени за МЗТ, но мора да се истакнат десетте загубени топки на двајцата носители на играта на македонскиот првак, шест на Бојан Трајковски и четири на Дамјан Стојановски.

По овој пораз, македонскиот првак во следното коло го очекува тешко гостување во Белград против шампионот Црвена звезда, кој ќе се обиде да ја прекине сопствената серија од два порази во АБА-лигата.

Се вчитува...