Агуеро и Хесус не можат заедно, „виновникот“ е Менди

Пеп Гвардиола нема намера истовремено да ги вклучува Серхио Агуеро и Габриел Хесус во стартниот тим на Манчестер сити, бидејќи смета дека нема место за двајцата класични напаѓачи без офанзивни бекови по страничните позиции. Стратегот на „граѓаните“ го има Вокер по десната страна, но проблем е левата, каде првата опција Менди заработи тешка повреда, а Гвардиола нема адекватна резервна варијанта.

Ги ротирам напаѓачите на речиси секој натпревар бидејќи сметам дека тие двајца не може да играат заедно, барем не додека го немаме Менди назад во тимот. Кога тој беше во екипата, ја држи целата страна од одбрана до напад, па можеме да играме со двајца напаѓачи. Фабијан Делф ги нема истите одлики, па затоа го имаме Сане за да ја држи страната во нападот, но со самото тоа нема место и за Агуеро и за Хесус. Двајцата се извонредни голгетери, двајцата се наоѓаат во одлична форма и изборот меѓу нив е една од најтешките работи што треба да ги правам пред секој натпревар“ – изјави Гвардиола.

Бразилецот Хесус настапи на последниот дуел со Лестер и се запиша меѓу стрелците, но се очекува на вечерашниот меч од ЛШ против Феенорд нападот на „граѓаните“ да биде предводен од Агуеро.

Се вчитува...