Ајакс против традицијата: Мурињо загубил само две финалиња во кариерата

Жозе Мурињо вечерва ќе го води Манчестер јунајтед на финалето од Лигата на Европа против Ајакс, во обид да ја продолжи „жетвата на трофеи“. Интересно, Португалецот својот прв европски трофеј во кариерата го освои во Купот на УЕФА (натпреварување што претходеше на Лигата на Европа), откако со екипата на Порто во големото финале во 2003 година го совлада тимот на Селтик со 3-2, со голот на Дерлеи во продолженијата од два пати по 15 минути.

Тој меч беше почеток на извонредната серија на „специјалниот“ кога станува збор за финалните натпревари со екипите што Мурињо ги водеше низ својата кариера. Тој веќе следниот месец (во јуни 2003 година) стигна и до пехарот во Купот на Португалија, со Порто совладувајќи ја Леирија (повторно со гол на Дерлеи). Следната сезона Мурињо се вивна меѓу најголемите тренери во овој спорт, откако приреди сензација со Порто триумфирајќи во Лигата на шампионите, во големото финале рутински совладувајќи го Монако со убедливи 3-0.

Претходно, на 16 мај 2004 година тој го претрпе првиот од вкупно двата порази што Мурињо ги има забележано на финалните натпревари во својата фантастична кариера. Тогаш во мечот за трофејот во Купот на Португалија на продолженија беше поразен од Бенфика со 1-2, а вториот пораз беше претрпен во Купот на Шпанија, кога во мадридската пресметка како тренер на Реал загуби од Атлетико со 1-2, исто така по продолженија со голот на дефанзивецот Миранда.

Статистиката вели дека од 13-те финалиња во кои водел екипи на домашно (португалско, англиско, шпанско и италијанско), како и на европско ниво, Мурињо славел дури во 11 наврати. Тој го доби првото финале на клупата на Манчестер јунајтед, славејќи над Саутемптон во Лига-купот, а претходно го крена истиот пехар и со Челси во 2015, во финалето совладувајќи го Тотенхем со 2-0.

Меѓу другото португалскиот стручњак како стратег на Интер славеше во финалињата во ЛШ и во Купот на Италија, во првата авантура во Челси го освои ФА Купот во 2007, со Реал славеше над Барселона за пехарот во Копа дел реј.

Кога треба да се победи во еден натпревар во кој влогот е трофеј, Мурињо важи за фудбалски генијалец. Токму затоа, пред Ајакс вечерва е ѓаволски тежок предизвик, не само да се совлада мултимилионскиот состав на Јунајтед, туку и да се слави над стратегот кој има освоено се што може да се освои во европскиот фудбал.

Се вчитува...