Академија Пандев става „стоп“ на негативната серија, Вардар сака триумф, интересен дуел во Битола

Академија Пандев е во серија од четири порази во прволигашката конкуренција и сака да го прекине овој негативен момент на денешниот натпревар од 20.коло, во кое на стадионот „Кукуш“ ќе го пречека последнопласираниот тим на Скопје.

„Нашата екипа во овој дуел има еден и единствен императив, а тоа е победата против тимот од Автокоманда“, најавуваат од таборот на Академија Пандев.

Шампионот Вардар на арената „Филип Втори“ ќе ја нагости Победа, а избраниците на Чедомир Јаневски размислуваат единствено за триумф.

„Одиме на триумф, како и на секој меч. Потребни ни се бодовите, и ќе дадеме се од себе да ги освоиме. Нема да биде лесно, затоа што за Вардар нема лесен натпревар. Ќе мораме да одиграме дисциплинирано, да ги исполниме сите задачи за да стигнеме до победата во недела“, истакнува новото засилување, Јован Попзлатанов.

Интересно ќе биде и во Битола, каде ќе се сретнат Пелистер и Работнички. Тренерот на „романтичарите, Горан Станковски, по ремито без голови против Ренова, очекува подобро издание на својот тим во Битола.

„Ќе биде тешко во Битола, на Пелистер му се потребни бодови, но и ние имаме свои планови и сакаме да оствариме победа. Знам дека Марјан Секуловски бара голема дисциплина од фудбалерите и се залага за компактност, и јасно е дека не очекува нов тежок натпревар“, истакнува шефот на стручниот штаб на Работнички.

Во дербито на колото, Шкупи и Шкендија ќе ги одмерат силите на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари.

ПРВА ЛИГА, ДВОЈКИ, 20.КОЛО (14 часот)

ШКУПИ – ШКЕНДИЈА

ВАРДАР – ПОБЕДА

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – СКОПЈЕ

ПЕЛИСТЕР – РАБОТНИЧКИ

ВЧЕРА: РЕНОВА – СИЛЕКС 0-0

 

Се вчитува...