Ал Келаифи замина во Бразил и веднаш е друга песна: Иднината на Нејмар е во ПСЖ

Бразилецот Нејмар се опоравува од операцијата на десното стапало, неговата нација се надева дека ќе биде максимално подготвен за да ги предводи „кариоките“ на Светското првенство во Русија, а во меѓувреме светските медиуми шпекулираат дали тој ќе остане во Пари Сен Жермен или можеби ќе направи нов мегатрансфер, овојпат во редовите на Реал Мадрид.

Неговиот татко, кој воедно му е и фудбалски агент, Нејмар сениор, во присуство на претседателот на клубот Насер Ал Келаифи, кој допатува во Бразил за да му даде поддршка на Нејмар при опоравувањето, вели дека иднината на неговиот син е во Париз.

„Нејмар има иднина во ПСЖ, овој клуб е неговата сегашност и иднина. Мислам дека за тоа не треба да има никакви дилеми“, изјави Нејмар сениор.

Насер Ал Келаифи очекува Бразилецот да се врати во тимот дури и оваа сезона.

„Тој е максимално посветен на рехабилитациската програма. Ние се надеваме дека Нејмар ќе се врати до крајот на сезоната и ќе настапи и во првенството и во Купот на Франција. Секако, последниот збор ќе го имаат докторите и ние нема ништо да форсираме, затоа што се грижиме за здравјето на нашиот најдобар фудбалер“, изјави Ал Келаифи.

Се вчитува...