Алегри на мака пред Тотенхем: Дибала и Матуиди многу ќе недостасуваат

Италијанскиот првак Јувентус утревечер го пречекува Тотенхем во првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите, а тренерот Масимилијано Алегри е на големи маки. Ќе недостигаат неколку првотимци, а тој се уште ги крие решенијата со кои ќе му се спротивстави на англискиот тим.

Напаѓачот Пауло Дибала е повреден подолг период, но повеќе проблеми на Алегри му прави отсуството на Блес Матуиди во средниот ред. Тој ќе паузира еден месец, па стратегот на „старата дама“ размислува кој да биде третиот играч во маневарот покрај Миралем Пјаниќ и Сами Кедира. Ги има Маркизио, Стураро, но најверојатно ќе повлече друг потег и ќе му даде шанса на Уругваецот Бентанкур.

Во одбраната ќе отсуствува Барѕалји, стоперскиот тандем ќе го сочинуваат Кјелини и Бенатија, а на местото на Квадрадо на десната бековска позиција ќе се појави Де Шилјо.

Во нападот покрај Гонзало Игуаин најверојатно ќе биде Бернардески, а се враќа и опоравениот Даглас Коста.

Се вчитува...