Алонсо: Ќе ја освојам третата титула со Мекларен пред да се пензионирам

Фернандо Алонсо најави дека нема намера да го замени Мекларен со друг тим и дека најверојатно тука и ќе ја заврши кариерата. Но, пред да стави крај, има цел со Мекларен да ја освои третата шампионска титула во Формула 1.

Не знам дали ќе бидеме победници оваа сезона. Но, имам цел да ја освојам третата шампионска титула пред да се повлечам од Формула 1 и ќе ја завршам мојата кариера во Мекларен“ – откри Фернандо Алонсо во интервју за шпанското радио Онда Керо.

Двојниот светски шампион во Ф1 лани имаше тешка сезона со проблематичниот болид на Мекларен. За оваа сезона британскиот тим го раскина договорот со Хонда и се префрли на моторотите на Рено. Но, и со новиот добавувач, Мекларен, четврта година по ред има проблеми на претсезонските тестови. Сепак, Алонсо истакнува дека гледа оптимистички на новата сезона.

„Не гледам причина да бидам песимист. Мекларен е вториот најдобар тим во историјата на Формула 1, Рено е еден од најдобрите производители на мотори и со големи амбиции влегуваме во новата сезона. Сакаме да го подобриме настапот од претходните три години и да се приближиме што е можно повеќе до водечките три тима во шампионатот. Мекларен може да го направи тој скок и од деветата позиција да влезе во кругот на тимови што се борат за подиумот. Кога го склучивме договорот со Рено си ја поставивме и целта да бидеме во Топ 5 на секоја трка“ – истакнува Алонсо.

Тој дополнува дека и покрај проблемите што ги имаше во изминативе неколку сезони, не му паѓа на памет да вози за друг тим.

„Животот ми е базиран на конкуренција и на победи. Кога нема победи ми е тешко, но така учам други работи. Така во изминативе години открив дека уживам и во другите натпреварувања како Инди 500 и „24 часа Ле Ман“. Се се случува со причина. Овие години беа тешки за мене, но сега сум среќен бидејќи станав многу покомплетен возач“ – вели Алонсо.

Новата сезона во Формула 1 ќе стартува на 25 март со трката за ГН на Австралија во Мелбурн.

Се вчитува...