Алонсо: За нас ќе биде успех ако ја завршиме трката во Русија

 По сите проблеми што ги има со болидот на Мекларен на стартот од сезоната во Формула 1, Фернандо Алонсо во одредувањето на целта пред неделната трка за ГН на Русија нема големи очекувања. Шпанецот вели дека позитивен резултат за Мекларен ќе биде ако двата болиди ја минат целта во Сочи.

Патеката во Сочи е интересна и носи големи предизвици со кои ќе се соочиме со примена на новите правила во Ф1. На пример третиот свиок е многу комплициран и лани требаше голема прецизност за да се помине. Со нетрпение очекувам да видам како ќе биде сега со промените во болидите. Иако технички ова е улична патека, вообичаено се постигнува голема брзина, патеката е широка и има добри можности за престигнување“ – истакнува Фернандо Алонсо.

Во првите три трки сезонава, болидите на Мекларен не беа конкурентни со водечките тимови, а како резултат на тоа, Фернандо Алонсо и неговиот клупски колега, Стофел Вандорн по три трки се на дното на табелата без освоен бод.

„За нас во Сочи ќе биде позитивен резултат ако успееме да ја завршиме трката со двата болиди. Имавме многу проблеми последниве неколку викенди. Но, после тестовите во Бахреин успеавме да собереме вредни информации за болидот и за агрегатот и се надевам дека ќе искористиме нешто од тоа“ – нагласува шпанскиот возач.

Трката за ГН на Русија што ќе се вози на патеката во Сочи на 30 април е четврта на календарот во Ф1 шампионатот.

Се вчитува...