Алжирците се пострашни на трибини, отколку на терен (видео)

Алжир е противникот на Македонија во утрешното осминафинале од СП и ако се гледа квалитативно, нашите момци би биле големи фаворити за победа, но не смее да се заборави фактот дека африканската селекција воедно е и домаќин на овој младински мундијал.

Првичниот впечаток вели дека Алжирците делуваат многу пострашно на трибини, отколку на терен, со оглед на фактот дека оваа селекција силата ја црпи од фановите, кои редовно во бројка над 8.000 ги бодрат своите миленици, создавајќи фанатична атмосфера. Така беше и на синоќешниот дуел со Саудиска Арабија, кога во клучните моменти навивачите им дадоа крилја на ракометарите, кои во последните петнаесетина минути го скршија отпорот на противникот и се пласираа во ова осминафинале.

Навивачите беа значаен адут и при ремито со фаворитот Хрватска (24-24), меч на кој домаќините прикажаа најдобра игра досега на овој шампионат. Тие ремизираа и со Аргентина (25-25), а на овој мундијал покрај вчерашниот триумф над Саудиска Арабија (23-21) неубедливо славеа над аутсајдерот Мароко со резултат 24-19. Единствениот пораз досега Алжирците го претрпеа на дуелот со Исланд, што го загубија со 25-22.

Јасно е дека Талески, Кузмановски и соиграчите ќе имаат предизвик против одбраната која досега на овој мундијал не прими повеќе од 25 гола на еден меч, но клуч ќе биде психолошката подготовка, да не се обрнува внимание на притисокот од трибините, туку квалитетот да се покаже на терен.

Се вчитува...