Амбициозниот Кит-Го без ниту еден пораз зимава ита кон Втората лига!

Екипата на Кит-Го од Пехчево дефинитивно пред почетокот на пролетниот дел од шампионатот во Третата лига – Исток е убедливо најамбициозната приказна која го привлекува домашното фудбалско внимание.

И зимските подготовки изминатиов период потврдуваат дека Кит-Го, кој по есенскиот дел со 13 победи и само едно реми е лидер во Третата лига – Исток, е цврсто решен од следната сезона да биде сериозен проект и во второлигашката конкуренција.

Низ зимските подготовки тимот воден од искусниот стратег Трајче Сенев успеа да слави против второлигашите Беласица, Кожуф, Осогово и Еуромилк ГЛ, а единствено ремизираше со штипска Брегалница, најавувајќи ја амбицијата за сигурен пласман во Втората лига.

„Во суштина воопшто не сакаме експресно да се наметнуваме во елитниот фудбал, но желбата е навистина по природен пат, овозможувајќи ги најдобрите услови за работа на фудбалерите, да си го најдеме своето место на домашната фудбалска сцена. Сакаме фудбалски да го развиеме и овој дел од Македонија а Пехчево од следната сезона да добие стабилен второлигаш. Токму затоа и се вложувањата во овој момент“ – вели најзаслужниот за брзиот раст на ФК Кит-Го, првиот човек на клубот Кирил Гогов.

Токму по преземањето на клубот од негова страна, стадионот во Пехчево е комплетно реновиран со нов терен, а тимот доби идеални услови за работа. На патот кон Втората лига веќе е засилен и со искусни прволигашки имиња меѓу кои се и поранешниот стопер на Вардар и Шкендија, Никола Тонев, но и Мартин Димоски, Петар Најдов, Бобан Мариќ…

Зимските подготовки, пред стартот на пролетниот дел од првенството, беа одработени во Дојран како и во својата база, хотелот „Гогов“ во Пехчево во чии рамки функционира и фудбалскиот комплекс.

Се вчитува...