Андре Гомеш се отвори: Срам ми е да излезам на улица, како да сум во пекол

Ситуацијата за Андре Гомеш во Барселона станува се поголема агонија. Фудбалерот којво летото 2016 година го замени дресот на Валенсија со оној на Барса за сума од 35 милиони евра, се очекуваше да биде од голем придонес по неговиот солиден настап на ЕП во Франција. Но, за нецели две години неговиот живот се смени на полошо, а самиот Гомеш во интервју за „Паненка“ појасни како му е во каталонската престолнина.

„Не се чувствувам убаво кога сум на терен, не уживам во тоа што го правам. Во првите шест месеци откако пристигнав се беше во најдобар ред, но од тогаш работите многу се сменија. Можеби „пекол“ е малку претеран збор, но јас така се чувствувам во моментов. Се повеќе ми вршат притисок од сите страни, со него се справувам, но не и со оној кој самиот си го правам. За време на натпреварите цело време сум под стрес. На тренинг е се супер, но кога ќе излезам на терен пред публика се се менува. Стресот е тука после секој натпревар, не ми дозволува да напредувам, но потоа полесно ми е кога ќе одржам тренинг со моите соиграчи“, истакна Гомеш.

Критиките очигледно многу влијаат врз Португалецот, толку многу што често одлучува да не го напушта домот. Ниту поддршката од неговите соиграчи не му дозволува да ги смири мислите.

„Повеќе пати ми се случува да не излезам од дома, се плашам да излезам поради срам. Луѓето гледаат во мене, а тоа ми прави да се чувствувам непријатно. Затворен сум во себе. Не можам да се ослободам од фрустрациите бидејќи премногу мислам на сите работи. Не зборувам со никого, имам само лоши мисли, а сето тоа многу ме боли. Цело време размислувам за грешките кои сум ги направил, иако имам огромна поддршка од соиграчите, работите никако да одат на подобро“, додаде Гомеш.

 

 

 

Се вчитува...