Андреј Цветковски на чекор до камбек на терените

Андреј Цветковски експресно го надмина разочарувањето по тешката повреда на коленото заработена на стартот од сезонава, па плејмејкерот на Блокотехна со макотрпна работа во изминатите месеци влезе во завршната фаза од рехабилитациската програма. Тој веќе почна да работи и со топка, максимално е мотивиран, но се уште е прерано да се дава конкретна прогноза кога би можел да се врати назад на кошаркарските терени.

„Во моментов сум на крајот на петтиот месец од рехабилитацијата и сум презадоволен од постигнатото до сега бидејки се оди според планот на физиотерапевтот и кондициониот тренер. Следува малку понапорен период за тренирање и враќање на кондицијата во комбинација со шутирање во сала по шест поминати месеци. Од почетокот на овој процес од рехабилитацијата па се до ден денес не осетив никаков проблем по операцијата, напротив како да не сум ни правел. Многу би сакал да знам кога точно би бил потготвен да се вратам на теренот, најмногу од се би сакал да помогнам на мојот тим во последниот дел од сезоната. Малку е неблагодарно да се предвидува однапред кога би направил камбек, но ако тече се како до сега би било тоа наскоро“ – истакнува Цветковски.

Тој искажува голема благодарност до сите во Блокотехна за поддршката што ја доби од својот клуб во моментите кога помошта му беше најнеопходна.

„Без поддршката од Блокотехна, почнувајки од играчите, тренерот и целиот стручен штаб не би било сигурно толку добро закрепнувањето како досега, јас од се срце им благодарам на сите вво клубот за она што го сторија за мене. Пред завршницата на сезоната, посакувам што поголем пласман на Блокотехна на двата фронта. Очекувам минимум во домашното првенство да бидеме полуфиналето, а за Библ-лигата се надевам и на трофеј“ – вели плејмејкерот кој сигурно ќе му биде од помош на тренерот Илиевски во завршницата од сезонава.

Се вчитува...