Ангеловски: Ќе направам се што е во моја моќ Пандев да продолжи во репрезентацијата!

Селекторот на Македонија, Игор Ангеловски по победата против Лихтенштајн со која ги заокруживме квалификациите за СП 2018, потенцираше дека ќе направи се што е во негова моќ Горан Пандев и натаму да остане во репрезентацијата и да го носи националниот дрес и во следниот квалификациски циклус.

„Горан Пандев е една величина која многу направила за македонскиот фудбал и многу значи и во иднина да биде дел од нас. Добро знам што значи тој за овој национален тим и ќе направам се што е во моја моќ Горан Пандев и во иднина да го носи националниот дрес“ – истакна Ангеловски на прес-конференција, на прашањето за претходните најави на Пандев дека ова ќе биде негов последен квалификациски циклус во репрезентацијата.

Што се однесува до генералната оценка за изминативе квалификации, Ангеловски ќе рече:

„Ако треба да направам една генерална оценка за квалификациите тогаш може да истакнам дека пред почетокот имавме цел да создадеме една компактна селекција, да изградиме игра по која ќе не препознаваат и да собереме што повеќе бодови низ квалификациите. Од трите цели мислам дека првите две ги исполнивме а не сум задоволен единствено со бодовното салдо, посебно од првиот дел кога несреќно испуштивме повеќе бодови“ – рече Ангеловски.

Селекторот се одлучи, и покрај тоа што Адеми нема натпревари две години, да го врати на терените по суспензијата за што фудбалерот на Динамо Загреб му врати на најдобар можен начин…

„Адеми е извонреден фудбалер и пред се одлична личност. Го вративме и знаеме дека многу може да помогне на националниот тим. Тој од срце го прифати повикот и среќен сум што се врати на најдобар можен начин“ – истакна Ангеловски.

Се вчитува...