Антиќ и Фенер по тешка битка ја освоија Русија

Фенербахче по подолга пауза успеа да врзе две победи во низа во Евролигата, откако тимот на нашиот Перо Антиќ триумфираше на гостувањето во Русија против Уникс Казан со резултат 81-86.

Турскиот шампион беше на прагот на убедлива победа откако во третиот период стигна до двоцифрена предност (42-54), но Уникс Казан успеа да се врати пред се благодарение на Орландо Џонсон, кој своите 16 поени ги постигна во второто полувреме. Рускиот состав дојде до „минус три“ и имаше напад на нешто повеќе од една минута до крајот, но Фенербахче успеа да се одбрани во клучниот момент, потоа да реализира две слободни фрлања преку Дувериоглу и да си ја завери победата.

Перо Антиќ одигра 18 минути, период во кој погоди две тројки од четири обиди за вкупно седум поени, надополнети со два скока и две асистенции. Датоме беше најефикасен кај Фенербахче со 18 поени, додека Богдановиќ ја заврши средбата со 16 поени, 7 асистенции и 5 скокови.

Се вчитува...