Антиќ исклучен во дербито на АБА, Будуќност ја изненади Црвена звезда

Будуќност приреди огромно изненадување во рамките од четвртото коло од АБА-лигата откако црногорскиот првак како гостин го зеде скалпот на шампионот Црвена звезда, славејќи во Белград со 75-79. Нашиот интернационалец Перо Антиќ настапи за домаќините, но беше исклучен на стартот од последната четвртина поради неспортски прекршок да спречи контранапад, откако претходно имаше добиено и обострана техничка грешка со еден гостинки кошаркар.

Црвена звезда беше подобар противник во првото полувреме, но потоа Будуќност со серија прецизни шутеви од далечина го сврте резултатот во своја полза. Црногорците имаа и „плус десет“ (40-50), но Црвена звезда се врати. Избраниците на Џикиќ повторно беа подобар противник во завршницата, но „црвено-белите“ се вратија, намалија на 75-77, а потоа имаа и шут за победа, но Фелдеин го промаши обидот за тројка на две секунди до крајот, по што Ивановиќ од линијата за слободни фрлања ги постави конечните 75-79.

Антиќ го заврши натпреварот со скромни три поени и два скока, Рочести беше најефикасен кај Црвена звезда со 23 поени, а најзаслужни за победата на гостите беа Гордиќ со 17 и Николиќ и Гибсон со по 13 поени.

Се вчитува...