Антиќ: Можев да земам пет пати повеќе пари во Кина, но Црвена звезда не се одбива

Во ситуација кога Црвена звезда летово направи целосен „ремонт“ на тимот, шампионот на АБА-лигата го комплетираше ростерот ангажирајќи го Перо Антиќ. Македонскиот ас доаѓа во својот омилен клуб како европски шампион, носејќи тешка одлука да си замине од Фенербахче, клуб каде што мина две фантастични сезони.

Имав гарантиран договор со Фенербахче и се најдов во дилема, дали да седам и да уживам во договорот или да играм и да бидам среќен на друго место. Кога се појави Црвена звезда не размислував ниту секунда. Имав многу понуди, можев да добијам и подобар договор во Евролигата, ми нудеа пет пати повеќе пари во Кина. Сепак, секогаш сакав повторно да заиграм за Црвена звезда. Се поклопија работите, видов дека ова е вистински проект, дека можам да помогнам, не сум финансиски товар за мојот клуб, бидејќи Фенербахче плаќа голем дел од тој договор и платата што ќе ја заработувам сезонава“ – истакнува Антиќ.

Српските медиуми објавија дека Македонецот ќе биде втор најплатен кошаркар во клубот со 400.000 евра годишно, но Антиќ ги демантираше тие гласини.

Искрено, ми пречи тоа што се пишува за парите, сумите кои се споменуваат за мојот трансфер се смешни. Јас сум меѓу најслабо платените играчи на овој тим, не дојдов овде да заработам пари. Повторувам, Фенербахче го покрива најголемиот дел од мојот договор, се откажав и од неколку бонуси. Не дојдов да заработам, туку да помогнам на мојата Црвена звезда колку што можам. Воедно, дома сум“ – дециден е Антиќ.

Се вчитува...