Антиќ се враќа во националниот тим, но не летово…

Перо Антиќ повторно би го облекол дресот на македонската репрезентација, но не во текот на летово, туку во претстојните квалификaции за СП 2019, доколку националниот тим следниот месец успее да ја мине претквалификациската фаза. Екс-капитенот на македонската репрезентација оваа одлука ја обелодени во интервју за „Дојче веле“, уште еднаш потенцирајќи дека планира и ова лето да го искористи за одмор по пренапорната сезона на клупски план.

Со ова Антиќ стави крај на сите дилеми околу евентуалното учество во претстојниот претквалификациски циклус, во кој неговата помош против Косово и Естонија сигурно ќе беше драгоцена.

И покрај најавите на екс-капитенот, остануваат дилемите дали тој сепак ќе може да учествува во главните квалификации, особено доколку остане во Фенербахче или се пресели во друг евролигашки клуб. Причините се добро познати – Евролигата во својот календар не предвиде пауза за квалификациските средби за СП, на тој начин продолжувајќи ја војната со ФИБА.

Во една таква ситуација, Антиќ би можел да добие забрана од својот клуб да настапи за Македонија во текот на сезоната. Сепак, најважно од се е нашите репрезентативци, оние кои ќе настапат, да ги минат претквалификациите, па потоа да се разгледува дали и колку Антиќ ќе може да помогне во главниот квалификациски циклус.

Се вчитува...