Антиќ се врати на паркетот, Ц. Звезда се врати на победите во Евролигата

Белградска Црвена Звезда стигна до значајна победа во 24. коло од Евролигата, триумфирајќи пред своите навивачи против Уникаха со 80-76 (24-24, 16-13, 22-15, 18-24).

Победата е повеќе од значајна за „црвено-белите“ за враќање на самодовербата и победничкиот менталитет по серијата лоши игри и резултати, но и во битката за плеј-офот во Евролигата за што шанси се уште постојат, иако објективно мали.

Белграѓани до победата дојдоа со подобра игра во средишниот дел од натпреварот кога го скршија резултатот стигнувајќи до предност од 10 поени пред последната четвртина (62-52). Во финишот гостите се обидоа да дојдат до пресврт, но неуспешно. На крајот за конечни 80-76.

Во тимот на Црвена Звезда се врати и македонскиот кошаркар Перо Антиќ кој за нешто повеќе од 18 минути на паркетот не успеа да се запише во листата на стрелци, забележувајќи само два скока и една асистенција, и со 0/3 од зад линијата за три поени. Но, Антиќ одигра повеќе од значајна одбрана донесувајќи ја неопходната цврстина за „црвено-белите“ под кошот, која недостасуваше изминатиов период.

Најефикасен во победничкиот тим беше Тејлор Рочести со 21 поен, а Милко Бјелица постигна 13 поени. Кај Уникаха Милосављевиќ имаше 12 поени и 6 скока.

Со овој триумф Црвена Звезда стигна до својата 10 победа, наспроти и 14 порази, израмнувајќи се на 10. место на табелата токму со екипата на Уникаха.

Се вчитува...