Арињо: За успех против Вардар треба да се „смират“ Циндриќ и Борозан

Аитор Арињо сосема неочекувано доби шанса за настап на ЕП 2018 и имаше значаен придонес во освојувањето на златото на шпанскиот национален тим на континенталниот собир во Хрватска. По враќањето назад во Барселона тој повторно се наметна и кај тренерот Чави Пасквал, па се очекува левото крило да добие шанса и на утрешниот дуел од Лигата на шампионите против Вардар.

„Уште го паметиме поразот од Вардар од Келн минатата година, останавме без финале и тој неуспех многу болеше. Против себе ќе го имаме европскиот првак, но веруваме во сопствениот потенцијал. Триумф пред нашите верни навивачи дополнително ќе ни ја крене самодовербата, би направиле голем чекор напред“ – изјавува Арињо во пресрет на утрешниот натпревар.

„Како да се победи Вардар“ е прашањето за кое сезонава одговор нема ниту еден од противниците оваа натпреварувачка сезона, а левото крило на Барселона верува дека го знае рецептот за успех.

„Сите многу добро ги знаеме квалитетите на Вардар, најопасен е Циндриќ со акциите „еден на еден“ кои тешко се бранат, а Борозан е извонреден шутер ако му се остави простор. За успех против силниот противник треба да играме цврста одбрана и да ги смириме пред се овие двајца ракометари, иако имаат и други адути како Македа, Кристопанс и Карачиќ“ – порачува Арињо.

Се вчитува...