Арпад Штербик го отпиша Кристијанштад и му донесе триумф на Вардар

Арпад Штербик беше столбот на Вардар во почесниот триумф против Кристијанштад со 32-30, во натпреварот од последното коло во групната фаза од Лигата на пампионите. Иако првото место на вардарци не зависеше од исходот на овој меч, сепак, „црвено-црните“ одиграа на вистинското ниво и ја оправдаа улогата на фаворит во овој дуел заокружувајќи ја групната фаза со 10 победа. На Кристијанштад му требаше најмалку бод од овој дуел за да го продолжи настапот во осминафиналето, но и покрај сите обиди, шведскиот тим сепак, беше немоќен да се носи со играта на „црвено-црните“ и пред се со извонредниот Арпад Штербик кој едноставно беше несовладлив и заврши со 21 одбрана. Поразот на Кристијанштад му оди во прилог на хрватскиот шампион ППД Загреб кој ја задржа шестата позиција на табелата и обезбеди пласман во Топ 16.

Вардар сигурно и супериорно го отвори натпреварот и диктираше темпо на теренот. Без резултатски притисок, вардарци со сигурна игра во нападот релативно лесно уште во 7.минута поведоа со четири гола разлика (6-2). Кристијанштад се обидуваше на сите начини да фати приклучок, но не успеа да ја анулира негативата. Стабилната одбрана на „црвено-црните“ и пред се Арпад Штербик кој само во првото полувреме запиша 10 одбрани, во овој дел од натпреварот не им остави многу простор на гостите. Кристијанштад на неколку пати намалуваше на гол разлика, но вардарци брзо се враќаа на сигурна дистанца. Највисоката предност од +5 вардарци ја постигнаа на три минути пред крајот на полувремето кога Хорхе Македа зголеми на 16-11, а малку потоа и Стојаче Стоилов беше прецизен за 17-12. На одмор „црвено-црните“ заминаа со водство од 17-13.

vardar kristijanstad siskarev

Во исто темпо Вардар продолжи и во второто полувреме. Со двата погодоци во серија, првиот на пикерот Рожерио Фереира кој на стартот од второто полувреме го замени Стојанче Стопилов, и вториот на Игор Карачиќ, македонскиот првак се одлепи на 19-13. Но, кога веќе се чинеше дека е решен победникот во овој дуел, се засили притисокот на гостинскиот тим. Кристијанштат направи серија од 5-1 и се приближи на само два гола разлика (20-18) што го принуди Раул Гонзалес да побара тајм-аут. По ефикасниот почеток, вардарци шест минути беа без погодок. Конечно лошата серија ја прекина Иван Чупиќ со погодок од седмерец.

vardar kristijanstad borozan

Вардар одолеваше на притисокот, но ракометарите на Кристијанштад свесни за важноста на овој меч за нив тргнаа во офанзива и во 42.минута со погодокот на Соренсен дојдоа на 22-21. Нова шанса имаа две минути подоцна, но Страхиња Милиќ го одбрани ударот од седум метри на Џери Толбринг. И на старатот од последната четвртина, шведскиот состав одново беше на гол разлика (23-22) и напад за изедначување, но Штербик беше сигурен на голот на Вардар. Нова шанса Кристијанштад доби откако Небојша Симиќ го одбрани седмерецот на Иван Чупиќ. И повторно Штербик им застана на патот на Швеѓаните. Дуелот што почна релативно мирно со доминација на Вардар, во финишот стана  динамичен и неизвесен. Дополнителен квалитет на натпреварот му дадоа извонредните голмански интервенции на Штербик на едната и на Симиќ на другата страна.

На шест минути пред крај вардарци повторно беа на ми нимална предност 27-26. Но, успеаја да ја сочуваат позитивата и во последните три минути го решија мечот во своја полза. Со два гола во серија Вардар поведе со 30-27. Кристијанштад се обиде со пресинг  во последните минути да дојде до посакуваниот бод кој му носеше осминафинале, но Вардар не дозволи изненадување и ја заврши групната фаза со победа со 32-30.

vardar kristijanstad karacic

Вуко Борозан постигна шест гола, а по четири погодоци за Вардар запишаа Иван Чупиќ и Хорхе Македа. Уште една извонредна партија на голот на Вардар имаше Арпад Штербик со фантастична 21 одбрана. Кај Кристијанштад најефикасен беше Тим Соренсен со седум гола, а Небојша Симиќ го заврши натпреварот со 17 одбрани.

Вардар завршува на првото место во групата и прв пат обезбедува директен пласман во четвртфиналето од Лигата на шампионите, што за вардарци ќе биде четврта сезона по ред во Топ 8 во најелитното европско натпреварување. Во четвртфиналето, македонскиот шампион за противник ќе го има поуспешниот од осминафиналниот дуел меѓу Фленсбург и Мешков Брест.

Се вчитува...