Венгер продава девет фудбалери за да ги задржи Озил и Санчез

Менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер, подготвен е да се откаже од девет фудбалери , за да може да им понуди нови договори на Алексис Санчез и на Месут Озил. Свесен дека ако ги загуби двајцата најдобри играчи ќе отиде чекор назад, Венгер мора да смисли план како да ги задржи. И Озил и Санчез бараат неверојатна плата од над 250.000 фунти неделно, а Венгер за да може да обезбеди толкав буџет ќе мора да се ослободи од дел од играчите кои моментно ги има на располагање.

Англиските медиуми пренесуваат дека планот на Венгер е девет фудбалери да се симнат од платниот список на Арсенал и на тој начин да се заштеди за нови „потешки“ договори за Санчез и за Озил. Три најзвучни имиња кои би ги напуштиле „топчиите“ се Алекс Оклејд-Чемберлен, Оливие Жиру и Џек Вилшир. Од нивната продажба Арсенал планира да добие околу 70 милиони евра, воедно и да ги тргне од буџетот за плати.Покрај тоа, од Арсенал најверојатно ќе заминат и Калум Чемберс, Војчех Шчешни, Кирон Гибс, Карл Џенкинсон, Лукас Перез и Акпом, играчи кои ионака не се сериозен дел од плановите на Венгер за иднината..

 

Доколку Арсенал успее да го реализира овој план, Санчез и Озил би добиле неделни плати од 250 до 300 илјади фунти, што сигурно ќе влијае на нивната конечна одлука за останување во Арсенал. Но, како дополнителна гаранција на Венгер му требаат уште неколку сериозни засилувања и борба за трофеи.

Во спротивно, Санчез најверојатно ќе замине во Манчестер сити, додека пак за Озил, се уште нема конкретни понуди од некој од големите клубови.

Се вчитува...