Асенсио потпишува по Дортмунд, клаузулата е 500 милиони евра

Реал Мадрид е подготвен да потпише нов договор со уште еден свој фудбалер, се со цел Флорентино Перез да се погрижи првотимците на „кралскиот клуб“ да останат недостапни за ривалите од врвот на европскиот фудбал. По Марсело, Иско, Бензема и Карвахал, во текот на следната седмица ќе биде потпишан и новиот договор со Марко Асенсио, младата „ѕвезда“ на „кралевите“ која се посветло блеска на фудбалското небо.

Асенсио имаше импресивен старт на новата сезона, што е доволна причина раководството на Реал час поскоро да го продолжи неговиот договор, кој истекува во 2020 година. Како што јавува весникот „Ас“, сите детали се договорени, а со новиот договор Асенсио ќе остане во Мадрид до 2023 година, за значително зголемување на платата. Во него ќе има и клаузула од огромни 500 милиони евра доколку некој сака предвреме да го доведе Асенсио во своите редови, со што „кралевите“ се осигуруваат дека новата ѕвезда на шпанскиот фудбал уште долго ќе остане на „Сантијаго Бернабеу“.

Официјалниот потпис на договорот се очекува по дуелот од ЛШ во Дортмунд против Борусија, на кој крилниот офанзивец би требал да стартува во првиот тим на „кралевите“.

Се вчитува...