Атлетико знае како против Англичани, Лестер верува во ново чудо

Фудбалерите на Лестер се максимално мотивирани за вечерашната пресметка против Атлетико Мадрид, на која „лисиците“ ќе сторат се за да ја надополнат негативата од еден гол од првиот натпревар на „Висенте Калдерон“. Англискиот првак се најде во слична ситуација и во осминафиналето, кога со победа од 2-0 над Севилја успеа да се пласира во следната рунда, но „лисиците“ се свесни дека овојпат предизвикот е многу поголем бидејќи против себе го имаат еден од најдобрите дефанзивни тимови во Европа.

Во изминатите 18 месеци многупати бевме отпишувани, но покажувавме дека можеме да остваруваме врвни резултати. Дуелот со Атлетико е уште еден сериозен испит за нас, убеден сум дека ќе одговориме на предизвикот. Почнуваме како аутсајдери, но добро се снаоѓаме во таа улога. Ќе треба да дадеме еден гол за 90 минути игра за да стигнеме до продолженија, секако дека сме способни за такво нешто, но ќе треба и да внимаваме на противничките офанзивни фудбалери“ – изјави стратегот на Лестер, Крег Шекспир.

Лестер во однос на првиот натпревар ќе биде значително засилен со камбекот на капитенот Вес Морган, чие присуство сигурно ќе придонесе одбраната на овој тим да делува многу посигурно отколку на првиот меч во Мадрид. Традицијата вели дека овие два тима досега два пати се среќавале во европските купови, при што Атлетико два пати минувал во следната рунда, во Купот на Победниците на Куповите во 1961 година и во Купот на УЕФА во 1997 година.

Атлетико Мадрид и покрај големата доминација во првото полувреме постигна само еден гол, по што тимот на Диего Симеоне во вториот дел умешно ја чуваше предноста, поголемо внимание посветувајќи на чување на сопствениот гол. Шпанскиот прволигаш има позитивно искуство во пресметките со ривали од Англија, „јорганџиите“ досега во осум наврати играле нокаут пресметки во европските купови со премиерлигаши, при што шест пати излегувале како победници. Атлетико последен пат бил елиминиран од екипа од Англија во 2008 година, кога во Купот на УЕФА загуби од Болтон.

Лестер се наоѓа во одлична форма, на шест од последните седум меча оваа екипа играше идентично како ланската сезона. Ова ќе биде дуел на два многу слични тима, ќе решаваат детали, а на нас е да играме како и секогаш, да се бориме за секоја топка, за секоја педа на теренот. Тоа е нашата сила и верувам дека ќе одговориме на предизвикот, иако Лестер игра одлично и максимално мотивирано пред своите навивачи“ – истакна Диего Симеоне.

Кевин Гамеиро се враќа во тимот на Атлетико откако го пропушти првиот натпревар во Мадрид, а Симеоне пред самиот почеток ќе реши дали Французинот ќе биде стартер, или улогата на предводник на нападот повторно ќе му припадне на Фернандо Торес.

Се вчитува...