Аврамовски: Не сум суспендиран, а не знам зошто не сум во комбинација за игра

Македонскиот интернационалец Даниел Аврамовски демантира дека е суспендиран од новосадска Војводина, како што истакна претходно тренерот на српскиот прволигап Владимир Буач.

Како што е познато, стратегот на новосаѓани на прес-конференција истакна дека Аврамовски ‘го нема во тимот поради нарушување на клупската дисциплина’. Но, Аврамовски сето тоа го демантира.

„Не сум добил никаква суспензија и нема причини за тоа. Усно бев известен од страна на секретарот на стручниот штаб дека не сум во конкуренција за 18 фудбалери, до понатаму. Причините за таквата одлука не ми се соопштение. Го ценам клубот и секогаш го давам максимумот во желбата да му помогнам на тимот да дојде до подобри резултати“ – вели Аврамовски во изјава за српски „Мондо“.

Како и да е, македонскиот фудбалер нема да биде во конкуренција и за утрешниот меч од 19. коло против Борац Чачак. Аврамовски во Војводина игра како позајмен фудбалер од љубљанска Олимпија. Досега одигра седум натпревари за новосаѓани постигнувајќи и еден гол.

Се вчитува...