Азар почна со тренинзи, дали ќе биде „фит“ за Тотенхем?

Еден Азар е чекор поблизу до камбек на терените откако белгискиот ас денеска се приклучи на остатокот од екипата на тренинзите на Челси. Очајната игра и поразот од Барнли во првото коло донесе причина за загриженост во таборот на „сините“, каде со нетрпение го очекуваат камбекот на Азар, кој заедно со Канте беше најдобар играч минатата сезона. Тој е во „аут“ уште од месец јуни, па иако денеска почна со тренинзи, се уште е неизвесно дали ќе може да се појави на теренот на претстојното дерби со Тотенхем во рамките од второто премиерлигашко коло, или Конте нема да ризикува, туку ќе го чека да биде 100% подготвен за камбек на терените.

На денешниот тренинг се појави и Бакајоко, за чии услуги на Монако му беа платени 40 милиони фунти, но кој се уште нема настапено на ниту еден меч за новиот клуб бидејќи цело лето се мачи со повреда на коленото. Англиските медиуми тврдат дека повредата не е премногу сериозна, но и тој како и Азар се наоѓа во трка со времето за настап на лондонското дерби со „спарси“.

Само за потсетување, Антонио Конте за тој дуел нема да може да смета на Цеск Фабрегас и на Гери Кејхил, кои добија црвени картони во првото коло против Барнли.

Се вчитува...