Бабунски со писмо за збогум од Ц.Звезда: Никогаш не добив вистинска шанса!

Како што беше од поодамна познато, македонскиот младински репрезентативец Давид Бабунски и дефинитивно стави точка на епизодата во белградска Црвена Звезда.

Бабунски, кого од овој преоден рок го очекува нов клуб во кариерата, се одлучи со свое писмо да целокупната фудбалска јавност да се збогува од „црвено-белите“ заблагодарувајќи на времето минато во клубот, и потенцирајќи ја единствено скромната минутажа добиена од тренерот Миодраг Божовиќ – Гроф, како централна причина за заминувањето од редовите на поранешниот европски шампион.

Реакцијата на Давид Бабунски ви ја пренесуваме во целост:

Иако голем број луѓе ми сугерираа воопшто да не помислувам да доаѓам и играм на овие простори по етапата во Барселона, имајќи притоа и други сериозни понуди, сепак одлучив да не ги слушам препораките и да потпишам за Црвена Звезда. Одлука за која никогаш не зажалив и никогаш нема да зажалам.

Звезда е одлично место во кое сакав да се реализирам како фудбалер… Раководството ми понуди голем спортски проект и поддршка тоа да се реализира. Ми рекоа дека ќе бидам замена за Грујиќ и важен играч за иднината на клубот. Како што може да видите не го одржаа зборот.

Трпеливо чекав 10 месеци, без играње, без плати и без ниту најмала моја недисциплина. Работев напорно и ниту еднаш не направив ништо со кое би покажал непочит кон клубот и луѓето во него. Но, дојде денот кога мораше да реагирам.

Имав состанок со челниците на клубот на кој искажав уште еднаш големо задоволство што сум дел од тој клуб во спектакуларен град како Белград во кој се заљубив од првиот момент. Но, кажав, дека гледам дека не напредувам фудбалски и дека само губам време чекајќи. Токму поради тоа мора да донесам одлука, посебно кога гледам дека другите добиваат шанса да играат.

Благодарен сум на раководните лица во Ц. Звезда кои ја разбраа мојата ситуација, затоа што тие најмногу инсистираа на моето доаѓање, иако ми беше кажано дека одлуката на терен е исклучиво право на тренерот, што е логично и точно.

А, јас со тренерот немам, ниту апсолутно имав некаков проблем. Грофот е многу забавна личност! Тој не зборува многу со играчите, посебно не со оние кои играат малку и на кои не смета многу. Јас за време на целиот свој престој не добив ниту едно објаснување од него, или некаква инструкција околу системот на игра или што тој би сакал да играм…

Кога го прашав што е причината за малата минутажа, секогаш ми одговараше: „Нема никаков проблем, се е одлично, продолжи само така, јас сум задоволен од твојата работа, и наскоро ќе добиеш шанса…“ Го прашав дали тоа значи неколку натпревари во континуитет, или само последни 15 минути, тој ми одговори 2-3 натпревари во континуитет.

И тие 2-3 не цели натпревари во континуитет беа се што добив во Ц. Звезда. И, сега ако во тие 15 минути се очекуваше од мене да издриблам тројца-четворица противнички играчи, да постигнам гол или да асистирам, тогаш нема што да се каже… Тогаш, се што направив во Ц. Звезда може да се каже дека беше фијаско. Други играчи и со полна минутажа во континуитет покажуваа многу помалку, а јас и после добра игра (пример како против Металац) следните пет натпревари бев на клупа. Причина? Непозната. На последниот натпревар пред паузата, повика 17 фудбалери, иако јас бев тука не ме повика… Јасен знак дека треба да го променам клубот.

Не можам да го обвинувам тренерот, тој има свои идеи, ја освои титулата, сега е на пат да освои нова. Но, кога еднаш пред еден натпревар ми даде инструкции: „Бабуне немој со она твоето како Иниеста, Чави и Меси, додавање дупли пасови по средина. Пуштај а топката по страна во простор…“. Тогаш сфатив дека мојот начин на игра воопшто не се вклопува со неговата филозофија. Нема проблем, тоа се случува во фудбалот! Јас може да се прилагодам, но тешко е радикално да го смените стилот на игра кој сте го учеле 10 години во клубот каде на ист начин учеле и Иниеста, Чави и Меси…

Искрено, не ја разбрав вистинската причина за моето мало присуство на терен, исто така и моите соиграчи никогаш не ја разбраа, и младите кои партиципираа на тренинзите беа изненадени зошто не играм, како и многу навивачи кои доаѓаа на стадион и кои знаат да вреднуваат квалитет, и новинарите… Сето тоа останува една мистерија!

На крај сакам од срце да им заблагодарам на сите навивачи…

Што е тоа што го има Црвена Звезда што секогаш постои и кога ситуацијата на еден играч е така беспомошна, а продолжува и натаму љубовта кон клубот…? Ве има вас. Вашиот дух. Ваша неисцрпна љубов и почит. Неверојатна е поддршката која ја добивав од сите страни и покрај тоа што немав многу шанси да партиципирам на терен. Сакам да знаете дека мојата прва опција до последната секунда беше да останам овде како би ви вратил со игра за целата поддршка. Последниот период бевте единствен мој кислород. Но клубот не направи НИТУ ЕДЕН напор за да останам.

Благодарам на сите кои ме поддржуваа, благодарам на сите навивачи, благодарам на тренерите од младинските категории и екипите од Србија кои исто така ми пишуваа. Им благодарам на сите мои соигричаи кои правеа да се чувствувам феноменално од првиот ден. Ова е едно искуство кое многу ме збогати и никогаш нема да го заборавам. Ти благодарам Звездо!!!

Се вчитува...