Балдовалиев: Првата лига ќе биде еден нов, далеку поголем предизвик за нас…

Еден од најискусните фудбалери во редовите на Академија Пандев, напаѓачот Зоран Балдовалиев вели дека Првата лига ќе биде голем предизвик за струмичкиот тим кој е спој на искуство и младост.

„Јас сум играл во Првата македонска фудбалска лига, многу е различна од Втората. Ние сме млада екипа и тоа ќе биде голем предизвик. Треба да играме мудро и паметно, имаме добар тим и се надевам дека ќе се претставиме во добро светло. Подготвителните натпревари треба да му дадат подобра слика на стручниот штаб за квалитетот со кој располагаат и кој играч на кое ниво е. Резултатите не се битни, тие се во втор план, важно е секој фудбалер да добие шанса и да се бори за своето место во тимот“ – вели Балдовалиев за официјалната интернет страница на клубот.

Балдовалиев и Сашко Пандев треба да биде лидерите во составот на Академија Пандев во новата сезона…

„Младите постојано гледаат како се однесуваме ние, јас и Сашко се трудиме да им помогнеме и на и надвор од теренот. Постојано разговараме за нивната игра и во нашата комуникација нема никакви проблеми. Ние сме искусни професионалци и се трудиме тоа да им го пренесеме и на младите фудбалери во екипата“ – вели Балдовалиев и дополнува:

„Костурот на тимот е ист како оној кој лани го освои првото место во Втората лига. Последната година сме тука јас и Сашко, можеби ќе има уште некој нов фудбалер, тоа го знае стручниот штаб. Подготовките се тешки, работиме напорно, но мора да биде така за да ги издржиме напорите што ги носи играњето во Првата лига. Јас сум задоволен како се работи, среќен сум што нема повреди и се надевам дека така ќе завршиме“.

Се вчитува...