Барди: Да се подготвиме добро за Лигата на нации

Фудбалската репрезентација на Македонија ги започнува подготовките за двата пријателски натпревари против Финска и против Азербејџан кои ќе се одиграат во Анталија, Турција. Поголем дел од репрезентативците веќе му се ставија на располагање на селекторот Игор Ангеловски, меѓу нив и интернационалецот од Леванте, Енис Барди. Тој вели дека овие натпревари се многу важни како подготовка за главниот предизвик, Лигата на Нации.

„Чест ми е што сум дел од оваа репрезентација, дел од овие момци, навистина е убаво чувството да се биде дел од сите нив, заедно со големи фудбалери како Пандев, Несторовски, Адеми или Трајковски. Првичните впечатоци се одлични, но ние сме тука да се подготвиме за нашата најважна работа оваа година, а тоа се натпреварите кои можат да ни донесат пласман на Европско првенство. Мораме да бидеме на високо ниво, ни следуваат два контролни натпревари, но за нас не се обични пријателски дуели, туку начин да што подобро да се подготвиме и тактички и технички за битните натпревари кои ни следуваат. Ќе дадеме се од себе оваа репрезентација да напредува. Ние сме многу добра репрезентација, треба да се подготвиме и психолошки за предизвикот кој го носи Лигата на нации, а овие натпревари против Финска и Азербејџан ќе ни послужат да го подобриме и тој момент“, изјави Енис Барди.

Нашиот најдобар национален тим денеска ќе се комплетира по пристигнувањето на капитенот Горан Пандев (Џенова), потоа Стефан Ристовски (Спортинг Лисабон), Езгјан Алиоски (Лидс Јунајтед) и голманот Столе Димитриоски (Гимнастик). Првиот тренинг селекторот Игор Ангеловски и репрезентативците ќе го имаат во 16 часот по македонско време во „Глорија“, спортскиот центар во Белек.

Се вчитува...