Барса вели готово е, Борусија и Ливерпул демантираат

Директорот на Барселона, Пеп Сегура, се обиде да го ублажи незадоволството по убедливиот пораз во двомечот со Реал најавувајќи два мегатрансфери во најскоро време на „Камп ноу“. Тој во изјава за шпанските медиуми објави дека преговорите за Осман Дембеле и за Филипе Кутињо се во завршна фаза и дека потпис би можело да се очекува веќе во текот на утрешниот ден (петок), но Сегура експресно беше демантиран и од Борусија Дортмунд и од Ливерпул.

Не знам како може да каже дека е готово, кога преговорите не се помрднати ниту еден милиметар. Тие испратија една понуда, ние ја одбивме, тоа е тоа“ – порача претседателот на Борусија, Ханс-Јоаким Вацке, останувајќи на ставот дека германскиот клуб ќе бара 130 милиони евра за францускиот интернационалец.

Идентичен е ставот и на Ливерпул околу Филипе Кутињо, откако американските газди одбиваат воопшто да почнат преговори, решени да го задржат Бразилецот во своите редови.

Нема никакви новости околу Кутињо. Единствено што можам да кажам е дека нема да игра со Кристал палас в сабота“ -изјави Јирген Клоп.

Јасно е дека преговорите ќе продолжат и во следниот период, но Барселона дефинитивно ќе мора да потроши и над оние 222 милиони евра добиени за Нејмар доколку сака да ги доведе и Дембеле и Кутињо.

Се вчитува...