Барселона најмалку три седмици без Бускетс

Серхио Бускетс ќе мора да отсуствува најмалку три седмици од фудбалските терени по повредата што шпанскиот ас ја заработи на вчерашниот дуел од ЛШ против Челси. Бускетс настрада по еден дуел со Жиру и мораше да биде заменет, а деталните прегледи покажаа дека станува збор за мала фрактура, поради што е препорачано мирување од дваесетина дена.

Добра вест за Барса е што во меѓувреме следи и пауза за репрезентативни настапи, па Бускетс ќе пропушти само две средби во Примера, против Атлетик Билбао на „Камп ноу“ и гостувањето против Севилја на 31 март. Воедно, крајно неизвесен е и неговиот настап за првиот четвртфинален меч од Лигата на шампионите, закажан за 3 или 4 април.

Интересно ќе биде да се види за каква опција ќе се реши Валверде за замена за овој стандарден првотимец, со оглед на фактот дека тој е единствениот врвен фудбалер на Барселона на позицијата последен играч за врска.

Се вчитува...