Барселона со супер-понуда за синот на Тони Симиќ

Барселона е последниот европски гигант што покажува сериозен интерес за во своите редови да го доведе македонскиот суперталент Теодор Симиќ, син на поранешниот центар на МЗТ Скопје и Работнички, Тони Симиќ. Станува збор за момче родено во 2004 година кое веќе ја надмина границата од 200 сантиметри и важи за најголем талент во својата генерација.

Формата на Симиќ во изминатите месеци ја следеа неколку екипи ширум Европа, прва интерес покажа италијанска Стела Аѕура, за потоа младиот Теодор да замине на неколку дена во Атина, каде работеше со тренерите од младинската академија на Панатинаикос. Грчките „зелени“ не се откажуваат од намерата да го доведат Симиќ во своите редови, но за фаворит во оваа трка сепак важи Барселона откако каталонците веќе испратиле и конкретна понуда до семејството на овој суперталентиран кошаркар.

Одлуката би требало да биде донесена најдоцна до почетокот на летото, по што би следела преселба на младиот кошаркар во нова средина, каде ќе има можност уште повеќе да напредува во својата кариера.

Се вчитува...