Беневенто ќе го урива „рекордот“ на Манчестер јунајтед?!

По 11.кола во Серија А, Беневенто нема освоено бод, а ако изгуби и во следниот дуел против Јувентус, што е многу веројатно, ќе стане клуб со најлош старт на сезоната на сите времиња. Навивачите на овој италијански клуб веќе се шегуваат на своја сметка

„Ние сме со клубот и кога губи и кога – губи!“, „работите кои најчесто се губат – новчаник, клучеви, мобилен …и Беневенто“, „подобро ќе беше да ги предадеме сите натпревар во првите 11.кола. Ќе имавме ист број бодови, ама ќе имавме подобра гол разлика“, ова се само дел од досетливите пораки на навивачите на Беневенто.

Малиот клуб од Беневенто, место на 50 километри од Неапол, годинава прв пат настапува во Серија А. Стартот беше ветувачки, во 1.коло до 38.минута водеа на гостувањето кај Сампдорија со 0-1, но на крај загубија со 2-1. А, потоа, во наредните десет кола, собраа уште десет порази и гол разлика од 4-29!

Со единаесеттиот пораз во исто толку натпревари, Беневенто го стигна Гренобл кој стартуваше со 11 порази во француското првенство во 2009 година. А, сега „го напаѓаат“ светскиот рекорд кога се водечките пет лиги во прашање. Рекордер со најлош старт во историјата е Манчестер јунајтед, а рекордот датира од 1930 година кога „црвените ѓаволи“ ја почнаа сезоната со 12 порази. Сега, 87 години подоцна, Беневенто е на пад „да го симне“ Манчестер јунајтед од врвот на листата.

Во следното 12.коло во Серија А, Беневенто гостува кај Јувентус. Клубот со најмногу шампионски титули во Италија сигурно ќе биде преголем залак за дебитантот, па многу посигурен „тип“ е рекорден 12 пораз за „црвено-жолтите“.

Но, навивачите на малиот калчолигаш и покрај поразите секогаш се расположени за шеги. На социјалните мрежи извадија фотографија од протестите во Каталонија каде 300.000 луѓе во рацете држат каталонски знаменца, а бидејќи боите на Каталонија се исти како боите на Беневенто, навивачите напишаа – Еве, и Каталонија навива за Беневенто!

Се вчитува...