Бешикташ го спаси Металург од дното

Турскиот првак Бешикташ во чиј состав се македонските репрезентативци Немања Прибак и Филип Лазаров, славеше против Чеховски медведи со 33-29  во последното коло од натпреварите во групата Д од Лигата на шампионите. Овој пораз на рускиот шампион директно му оди во прилог на Металург кој во финалниот поредок на табелата завршува на 5.позиција пред Чеховски медведи кои остануваат на дното.

За Бешикташ ова беше петта победа сезонава со која турскиот тим, повеќе за престиж бидејќи веќе однапред првите две места во групата Д и пласман во разигрувањето за осминафинале во ЛШ, ги обезбедија Монпелје и Мотор Запорожје. Турскиот шампион со оваа победа е на 3.место со вкупно 11 бода, а како сатисфакција ќе им остане и тоа што во претходното коло му го нанесоа првиот и единствен пораз на фаворитот Монпелје.

Во триумфот против Чеховски медведи, Прибак постигна три гола, а Лазаров не се запиша во листата на стрелците. најефикасен во турскиот тим беше босанскиот репрезентативец Фарук Вражалиќ со седум гола. Кај Чеховски медведи, прв стрелец беше Дмитри Санталов со девет погодоци.

Група Д, табела: Монпелје 16, Мотор Запорожје 13, Бешикташ 11, Спортинг 8, Металург 5, Чеховски медведи 5 бода.

Се вчитува...