Бесплатен влез: МЗТ бара помош од навивачите за триумф над Карпош соколи

Раководството на МЗТ Скопје донесе одлука влезот за третиот финален натпревар против Карпош соколи (петок, 19 часот), да биде бесплатен, се со цел избраниците на Анте Назор да добијат што поголема поддршка од трибините во обид да забележат победа и да стигнат до ново водство во оваа финална серија.

Со цел максимално да се пополнат трибините во големата сала во спортскиот центар „Јане Сандански“ со што играчите би добиле дополнителна енергија и сила која би можела да го реши овој исклучително важен меч, управата на клубот реши да ги отвори вратите и да овозможи слободен влез за сите што сакаат да го проследат овој дуел и да им помогнат на своите миленици. Овој потег, воедно е и своевидно извинување за поразот во претходното гостување во Карпош како и за начинот на кој „металците“ одиграа во првите три четвртини од натпреварот. Навивачите и симпатизерите секогаш биле шести играч на МЗТ Скопје Аеродром, поради што избраниците на тренерот Анте Назор ги повикуваат сите оние на кои сино-белата боја им е во срцето да дојдат и да им помогнат во напорите да го совладаат незгодниот противник и да дојдат на само еден чекор до целта која сите заеднички ја посакуваме – шестата шампионска титула во низа“ – се вели во пораката на официјалната веб-страница на македонскиот првак.

МЗТ Скопје во првиот финален натпревар на домашен терен едвај стигна до триумф над градскиот ривал со минимални 77-76, додека на вториот натпревар „соколите“ го декласираа бранителот на трофејот, имаа и предност од 25 поени, за на крајот да слават „само“ со 104-93.

Се вчитува...