Билд: Фавр е нов тренер на Борусија Дортмунд

Одлуката за смена на Томас Тухел е веќе донесена, а нов тренер на Борусија Дортмунд за следната натпреварувачка сезона ќе биде Лусиен Фавр, открива тиражниот германски весник „Билд“. Според овие информации, Тухел и во случај на освојување на Купот на Германија (во финалето Борусија игра со Ајнтрахт) нема да го преживее летото во Дортмунд откако целосно ја загубил битката со директорот Вацке.

Првиот човек на клубот во последните месеци имаше неколку конфликти со шефот на стручниот штаб, Тухел особено претера кога го обвини Вацке што не се борел доволно за одложување на средбата од ЛШ против Монако, па во ситуација кога резултатите се далеку под очекуваните сега раководството на клубот без премногу аргументи ќе му врачи отказ на овој стратег по завршувањето на сезонава.

„Билд“ тврди дека разговорите со Фавр завршиле успешно откако швајцарскиот стручњак прифатил договорот да биде на само една сезона, со клаузула за продолжување на соработката за уште една година. Единствен проблем засега е фактот дека Фавр има договор со Ница до 2019 година, но францускиот клуб е подготвен да го пушти да си замине доколку добие отштета од три милиони евра.

Се вчитува...