Бламажа на Вардар, Шкендија го нокаутираше Работнички

Шампионот Вардар загуби нови бодови во македонската Прва лига откако „црвено-црните“ попладнево во очаен натпревар одиграа само 1-1 на гостувањето против Скопје. Самобендисаноста беше главен проблем на „вардарци“ на оваа средба, уверени дека лесно ќе дојдат до трите бода тие направија катастрофални грешки и скапо платија за нив. Фелипе со прецизен удар го доведе Вардар во водство, но потоа гостите почетнички загубија топка на триесетина метри од својот гол при исфрлање на голманот Гачевски, па Скопје стигна до израмнување.

skopje-vardar2017 (10)

Дека работата нема да биде рутинска стана јасно на стартот од вториот дел, откако судијата заслужено го исклучи Грнчаров поради старт одзади над играчот на Скопје кој одеше „еден на еден“ на Гачевски. И со фудбалер помалку „црвено-црните“ имаа повеќе од играта, Јаневски го уфрли и Стојков, но мечот сепак заврши со израмнети 1-1.

skopje-vardar2017 (7)

Шкендија премногу рано го скрши отпорот на Работнички, откако по само неколку минути игра домаќините останаа со фудбалер помалку по заслужениот црвен картон на Дурански, кој играше со рака на самата гол-линија. Хасани го реализираше досудениот пенал, по него стрелци беа и Ибраими и Тодоровски, но Работнички успеа да намали на 2-3 со погодоците на Маркоски (пенал) и на Џефри. Тетовци се разбудија по вториот примен гол, па со погодоците на Алими и на Хасани стигнаа до убедливи 2-6 на оваа средба.

rabotnicki - skendija prvenstvo 5

Шкупи успеа да врзе две победи во низа откако по домашниот триумф над Работнички денеска славеше на гостувањето во Кратово против Силекс. Кристијан Стојкоски беше човекот на одлука, постигнувајќи го победничкиот погодок во самиот финиш од првото полувреме.

Академија Пандев ремизираше против Победа. Струмичани поведоа со 0-1 откако Дориев казни една огромна грешка на домашните дефанзивци, победа успеа да израмни преку Илијоски, но Грифони погоди на стартот од второто полувреме и повторно ја доведе Академија Пандев во водство. Прилепчани не се предадоа, па дојдоа до заслужен бод со голот на „резервистот“ Шаркоски во 84. минута.

Резултати Прва лига: 

Ренова – Пелистер 1-0, Победа – Академија Пандев 2-2, Скопје – Вардар 1-1, Силекс – Шкупи 0-1, Работнички – Шкендија 2-6.

Табела: Шкендија 13 бода, Пелистер 8, Академија Пандев 8, Вардар 7 (меч помалку), Шкупи 7, Силекс 6, Ренова 5, Победа 5, Скопје 3, Работнички 2 (меч помалку).

Се вчитува...