Блажевски: Вардар ми понуди нов договор, и секако прифатив!

Како што беше претходно најавено Дејан Блажевски го продолжи договорот со Вардар до завршувањето на оваа сезона, до јуни 2018 година. Актуелниот договор му истекуваше овој месец, но сега соработката е продолжена.

„Вардар ми понуди нов договор, и прифатив да останам. Вардар е мој клуб, тука ја почнав мојата кариера, и среќен сум што останувам во мојот тим. Договорот е до крајот на сезоната, и посакувам уште многу настапи и уште многу голови во дресот на Вардар, и сигурно се надевам на уште една шампионска титула и на освојување на Купот на Македонија“ – изјави Блажевски по официјализирањето на новиот договор.

Блажевски по настапите во неколку интернационални клубови, се врати во Вардар во јануарскиот преоден рок 2015 година. До сега има вкупно 96 официјални настапи во дресот на Вардар, од кои 12 натпревари во Европа, 74 меча во првенството, 9 во Купот на Македонија и еден настап во Супер-Купот на Македонија. Има три шампионски титули, и еден трофеј во Супер-Купот.

Се вчитува...