Блесок на лејкерси пред очите на Леброн Џејмс

Кошаркарите на Лос Анџелес лејкерс одиграа импресивен меч против Кливленд, совладувајќи го актуелниот вицешампион со 127-113. Мотивирани од фактот дека против себе го имаат Леброн Џејмс, младите „езерџии“ го покажаа сиот свој потенцијал, ставајќи му до знаење на „кралот“ Џејмс дека нема да погреши доколку во текот на летово реши да им се придружи во Ел-Еј.

Џулиус Рендл беше човекот на одлука постигнувајќи 36 поени, надополнети со 14 скока и седум асистенции, за прекин на „црната серија“ на лејкерси од десет порази кога во ривалскиот тим настапувал Леброн Џејмс. Во ритам беше и Ајзеа Томас, кој со 20 поени и девет асистенции му се одмазди на својот поранешен тим што немаше поголема доверба во неговите квалитети.

Пораз претрпе и шампионот Голден стејт, кој загуби со 109-103 на гостувањето против Минесота. Стеф Кари повторно не можеше да настапи поради повреда, па „воините“ не се снајдоа најдобро без својот најдобар кошаркар. Кевин Дурант постигна 39 поени, но добриот настап на олстар ѕвездата беше недоволен за да се избегне вториот пораз во низа на Голден стејт. На спротивната страна, најдобар поединец кај Минесота беше Таунс со 31 поен и 16 скокови.

Хјустон експресно им се врати на победите, триумфирајќи со 82-105 на гостувањето против Далас. Овие 82 поени се најмал број на примени поени на „ракетите“ сезонава. Харден не настапи во Далас, па најефикасни кај Хјустон во оваа рутинска победа беа Гордон со 26 и Пол со 24 поени.

Резултати НБА:

Њујорк – Торонто 106-132, Атланта – Чикаго 122-129, Минесота – Голден стејт 109-103, Њу Орлеанс – Јута 99-116, Денвер – Сакраменто 130-104, Далас – Хјустон 82-105, Бостон – Индијана 97-99, Бруклин – Филаделфија 97-120, ЛА лејкерс – Кливленд 127-113.

Се вчитува...