Блокотехна фуриозна и во БИБЛ, „стотка“ за Тирана

Екипата на Блокотехна и на вториот официјален меч сезонава забележа убедлив триумф, славејќи на своето деби во БИБЛ-лигата против Тирана со преубедливи 100-68. Избраниците на Марјан Илиевски им одржаа лекција на гостите од Албанија, лесно прокнижувајќи ги првите бодови, но и најавувајќи атак на висок пласман во регионалното натпреварување.

Тирана парираше само во првите неколку минути, кога резултатот гласеше 10-9. Потоа Блокотехна влезе во ритам, па откако Главчев украде топка и изнуди неспортска лична грешка на еден од клучните гостински играчи тимот од Гевгелија влезе во серија и ја заврши стартната четвртина со 24-16. Тоа беше најава за уште подобро издание во нападот на домашниот тим, кој постигна 30 поени во вториот период и на одмор замина со 54-36.

Најдобриот дел од мечот Блокотехна го одигра во третата четвртина, добивајќи го со убедливи 30-9. Потоа, во последните десет минути тренерот Илиевски им даде можност за докажување на дел од помладите кошаркари, па на крајот разликата изнесуваше 32 поени.

Бенџамин со 25 поени и девет скокови беше прв стрелец кај македонскиот претставник, во чии редови одличен беше и Горан Главчев со 21 поен, три скокови и пет украдени топки.

Се вчитува...