Блокотехна избра БИБЛ, за АБА 2 има време

Новиот македонски прволигаш Блокотехна во наредната сезона ќе се натпреварува и во едно регионално натпреварување, се со цел играчите да се здобијат со уште поголемо искуство. Иако во опција беше и настап во новоформираната втора лига на АБА, раководството на клубот од Гевгелија заедно со тренерот Марјан Илиевски решија во наредниот период да бидат дел од БИБЛ.

Втората лига на АБА беше сериозна опција, но на крајот пресуди фактот дека ние без оглед на искуството на раководството сепак сме нов клуб како самостоен проект. Со самото тоа сакаме да одиме чекор по чекор и затоа го избравме БИБЛ како регионално натпреварување за следната сезона. АБА 2 е сериозен предизвик кој останува дел од нашите планови за во иднина“ – изјави тренерот Марјан Илиевски.

Тој уште еднаш го повтори ставот на раководството дека нема да се инвестира премногу во нов играчки кадар бидејќи целта е клубот да застане на здрави нозе и да се гради на цврсти темели.

Сакавме да бидеме коректни и ги задржавме сите оние играчи кои ги позајмивме во Радовиш за да се избори прволигашкиот статус. Секако, шанса ќе добијат и најталентираните деца во Гевгелија и регионот, да работат квалитетно и да напредуваат во кариера. Веќе доведовме еден странски кошаркар и во план ни е да ангажираме уште еден, како и најмалку еден нов домашен играч“ – вели Илиевски.

Се вчитува...