Блокотехна загуби од Рилски, како втора патува на Ф4 во БИБЛ

Кошаркарите на Блокотехна не успеаја со победа да го завршат својот настап во регуларниот дел од сезоната во БИБЛ, губејќи го дерби натпреварот од последното коло против Рилски спортист со резултат 84-85. Ова беше директен дуел за првото место на табелата, двата тима влегоа во дерби-пресметката со идентичен скор од 10 победи и само еден пораз, но гостите од Бугарија подобро се снајдоа и стигнаа до значаен триумф. Мечот беше неизвесен до самиот финиш, а Мијатовиќ го промаши шутот со звукот на сирената што можеше да му донесе триумф на македонскиот претставник во регионалното кошаркарско натпреварување.

Првата четвртина мина во израмнета игра, за Рилски спорист да заигра подобро во самиот финиш и да го добие овој дел од мечот со 20-24. Бугарскиот претставник заигра уште пофуриозново вториот период, па во 17. минута поведе со 29-40, но Блокотехна предводена од Мијатовиќ се врати, па на полувреме се замина со само четири поени негатива за македонскиот прволигаш (39-43).

На стартот од второто полувреме тимот од Гевгелија набрзина го сврте резултатот во своја полза и со тројката на Главчев поведе со 46-43, но Рилски експресно се врати во водство што го одржуваше до самиот финиш. Како и многупати досега, кошаркарите на Блокотехна покажаа карактер кога е најтешко, па со поените на Смит дури и поведе со 82-81 на помалку од две минути до крајот. Бугарскиот тренер зеде тајмаут, по што се влезе во неизвесна завршница. На 24 секунди до крајот Блокотехна имаше 84-83, а потоа во одбраната за малку ќе ја украдеше топката. Во мешаницата подобро се снајдоа гостите, кои реализираа за водство од 84-85, а во преостанатите шест секунди Мијатовиќ тргна сам од кош на кош, промашувајќи го шутот за победа со звукот на сирената.

Казарновски со 21 и Мијатовиќ со 20 поени беа најдобри стрелци во редовите на Блокотехна, каде двоцифрени беа и Бенџамин со 13 и Смит со 10 поени.

Рилски спортист и Блокотехна како две првопласирани екипи обезбедуваат директен пласман на Ф4 турнирот во БИБЛ, каде друштво ќе им прават победниците од четвртфиналните дуели Левски – Тирана и Академик – Башкими.

Се вчитува...