Богдановиќ за триумф на Сакраменто, Леброн и Кливленд запрени во Филаделфија

Кошаркарите на Сакраменто славеа по продолжение против Бруклин со 116-111 во еден од синоќешните дуели во НБА лигата.

Кингси на тој начин ја прекинаа низата од пет едноподруго порази и сега се на 12-та позиција на Западот со скор од 19-43, додека Бруклин е на 13. место на Истокот со 20 победи и 43 порази.

Сакраменто до триумфот го предводеа српскиот репрезентативец Богдан Богдановиќ со 16 поени, 4 скока и три асистенции, како и Вили Каоли-Штејн со 17 поени и 6 скока. Кај Бруклин се истакна Керол со 20 поени, 9 скока и 4 асистенции.

Портланд славеше синоќа на свој паркет против Минесота со 108-99, благодарение на феноменалниот Дамиан Лилард кој беше незапирлив во последниот период. Лилард мечот го заврши со 35 поени, а одлична партија во победата пружи и Јусуф Нуркиќ со 16 поени и 7 скока за 19 минути на паркетот.

За Портланд оваа победа и тоа како е важна затоа што сега е на 4. место во Западната конференција во трка со Минесота за третото место.

Во останатите синоќешни средби, Филаделфија на гостински терен славеше против Кливленд со 97-108, а Лејкерси славеа против Мајами со 131-113.

Се вчитува...