Борко прави разлика: Раул знае што сака, Лино за Чешка не подготвуваше со видео од Металург!

Исцрпувачкиот натпревар против Чешка и мокриот дрес за Борко Ристовски не беа пречка уште речиси цел час да остане на теренот во ВИП Арената „Борис Трајковски“  за да не им „расипе“ на навивачите и на новинарите, едните да ја прослават, другите да ја одработат големата победа на Македонија на најдобар начин. И во свој стил отворено да одговори и на „згодните“ и на „незгодните“ прашања.

Првиот голман на македонската репрезентација даде своја анализа на вчерашниот натпревар во кој Македонија во Скопје ја победи Чешка со 33-20 и оди на ЕП во Хрватска како првопласирана во групата. Борко на свој начин направи и сликовите паралела со оној прв меч во Плзењ во кој Македонија беше поразена од Чешка.

„Се виде разлика од натпреварот што го игравме со Чешка таму и овој натпревар што го игравме тука. Мислам дека  првото полувреме го одигравме малку во грч и можеби помалку ги потценивме. Ние сите знаевме дека сме веќе квалификувани на ЕП во Хрватска, независно од резултатот на овој меч. Затоа и дојде до тој грч, сакајќи да одиграме добро и во исто време знаејќи дека сме пласирани. Тоа е еден момент во кој и можеш и не можеш да дадеш стропроценти од себе. И мислам дека тоа во првото полувреме малку не кочеше. Но, во првите десетина минути од второто полувреме почнавме многу квалитетно и во одбраната и во нападот и на тактички план и мислам дека тоа конечно го даде својот резултат“ – истакна Борко Ристовски.

Играчите се исти, човекот на клупа е друг

А, потоа и појасни дека разликата меѓу онаа разбиена македонска репрезентација во Плзењ и оваа доминантна Македонија во Скопје со речиси истите играчи, е на клупата – во ракометната генијалност и селекторската тактичност на Раул Гонзалес.

„Играчите се истите, но сега има човек на клупата кој што објаснува многу смирено, го разбира ракометот и знае во секој момент што сака со нашата репрезентација. Пак ќе повторам, не секогаш ќе излегува добро, не секогаш ќе победуваме со десет разлика, ниту пак секогаш ќе играме без грешка, меѓутоа знаеме што сакаме, имаме правец и тоа е добро“ – истакнува првиот голман на македонската репрезентација.

IMG_6839

За разлика од претходно кога во македонската репрезентација имаше премногу експерименти и осцилации, „црни дупки“ и порази како оние од Чешка во Плзен или тој претходно во Злин, сега играта е многу посигурна, а репрезентацијата многу поконстантна. Се исправаат грешките и резултатите се видливи.

„Ќе ви дадам една споредба за илустрација. Можеби ќе звучи смешно за оние кои не ги знаат овие внатрешни работи во репрезентацијата, но ние во подготовката за тој натпревар во Плзен кога бевме поразени од Чешка, гледавме видео-подготовка за натпреварот Металург-Монпелје! Јас не знам како се подготвува една репрезентација за Металург-Монпелје, а игра натпревар со Чешка? Разликата е огромна и во подготовка на натпреварот и во тактичка поставеност и во пристапот од сите играчи. Видовте, ни во Украина каде што го имавме натпреварот, па испуштивме победа, ниту пак сега кога водевме, немаше ниту една критика од страна на Раул или од стручниот штаб кон ниеден играч. Не може да се каже дека никој не грешеше, сите ние во некој момент грешевме иако тоа резултатот не го покажува. Сите ние одделно имавме по некоја тактичка грешка. Но, тоа е разликата кога некој ќе ти даде поддршка и кога ќе знае што сака во секој момент. Мислам дека разликата е таа што Раул знае да го извади максимумот од сите нас и сето тоа е видливо и дава резултат“ – вели Борко Ристовски.

Квалитетот треба да го цениме

Од „министер за одбрана“ до „дежурен виновник“ за секој примен гол, Борко Ристовски е честа цел и за пофалби и уште повеќе за критики, и не ретко е оној  по кого се фрла „со дрва и камења“. Со 16 одбрани тој беше еден од клучните фактори во вчерашната победа против Чешка.

По слабото издание и ремито со Украина „министерот“ беше распнат од „критичарите“, а само три дена потоа, синоќа публиката во „Борис Трајковски“ го скандираше неговото име…

„Луѓето кои разбираат ракомет и спорт генерално, го сфаќаат спортот сосема поинаку. Кај нас има повеќе луѓе што се позитивни кон целата репрезентација, меѓутоа постои и оној мал дел луѓе кои се неостварени во животот и се експерти за се, и за политика и за спорт и за ракомет и за кошарка и за фудбал и обично едни исти критикуваат и ракометари и кошаркари и фудбалери, и Борко и Дејан Манасков и Кире Лазаров…никој не чини. Мислам дека е крајно време да почнеме да размислуваме чисто спортски, европски и конечно да сфатиме дека кога некој има квалитет – има. Независно дали на еден натпревар ќе даде десет гола или некогаш нема да даде ниеден. Квалитетот секогаш треба да го цениме, затоа што, не знам колку сме свесни за тоа, ама се бројат на прсти нашите играчи што играат во Европа“– истакнува Ристовски.

Како спортска и пред се, ракометна нација што има клупски европски шампион и репрезентација за респект, треба многу повеќе да си ги цениме сопствените вредности, порачува „министерот за одбрана“ во македонската репрезентација.

IMG_6969

„Полека веќе почнуваме да добиваме една наша ракометна колонија од играчи кои настапуваат во најдобрите клубови во Европа. И тоа треба да се цени, без разлика дали има некој добар или лош ден. Тоа треба да се сфати дека е моментално. Сите ние имаме право и на добар и на лош ден. После натпреварот со Украина се слушнаа многу лоши критики и за Дејан Манасков и за Гоце Георгиевски, меѓутоа, пак ќе кажам, тоа се истите луѓе кои наоѓаат момент да критикуваат. Мислам дека треба да сме многу поголеми од тоа, пред се како спортска нација затоа што имаме, прво на клупски план еден европски шампион, а потоа и на репрезентативен план една многу успешна репрезентација која во последниве десетина години нема пропуштено големо натпреварување. Треба повеќе да се цениме себе си и конечно да почнеме да размислуваме позитивно, а не да се гледа од ден за ден и од натпревар на натпревар. Треба да гледаме и малку подалеку“ – нагласува Борко Ристовски.

Не сме Франција, ама не сме ни за потценување

И, се обидува да ја спушти малку еуфоријата што вообичаено ја зафаќа Македонија по секоја голема победа. Ако ја „прегазивме“ Чешка во квалификациите, не значи дека веќе сме европски шампиони, но не сме ни  репрезентација за потценување. Реалноста е некаде на средина.

IMG_7056

„Овој резултат не треба да не залажува премногу. Мислам дека треба да сме реални, иако знаеме што играме. Но, треба да се знае дека Македонија не е репрезентација од калибарот на Франција, Германија или Шпанија, меѓутоа треба да се сфати и тоа дека Македонија има квалитет и може да биде многу незгоден противник и дека против секого на секој терен може да игра и да се надигрува. Сигурно дека не сме го кажале последниот збор. Новите, помлади играчи добиваат поддршка во вистинска смисла на зборот и минутажа и доверба и мислам дека во периодот што следува ќе бидат уште подобри. И ние како репрезентација . Ние сме тука поискусните да помогнеме кога треба. Се гледа дека владее една сосема поинаква енергија и меѓу репрезентативците. Сега се е многу порелаксирано, меѓутоа со одредени цели и задачи и мислам дека тоа е вистинскиот правец по кој се движиме“ – посочува првиот голман на македонската репрезентација, онака во форма и „емоционално исполнет“ по добриот натпревар и големата победа на Македонија која на супериорен начин, по четврти пат по ред се избори за место во европската елита што во јануари ќе настапи на ЕП во Хрватска.

…Имаше уште што да го прашаме и што да ни каже Борко, ама популарниот Срцка помина и не искара:

„Ќе го настинете, дресот му е жива вода!“

А, и „командант Раул“ веќе ја постројуваше „четата“ овој пат во соблекувална, за оној заеднички поздрав…

Се вчитува...