Борко Ристовски во дилема: Долгорочно во Германија, или „мирно“ во Бенфика

Борко Ристовски со објава на својот профил на Фејсбук, потврди дека има неколку опции, но не и конечна одлука каде ќе ја продолжи кариерата по заминувањето од Барселона. На македонскиот репрезентативец на крајот на сезоната му завршува договорот со Барселона, што ја актуелизира темата за понудите и каде ќе биде неговата следна дестинација. Како што објави Екипа, една од опциите за македонскиот репрезентативец е понудата од Кил и враќањето во Германија. А, како што потврдува Ристовски, има понуда и од Бенфика.

„Јас навистина сум изненаден од пишувањата за мојата иднина, посебно затоа што никој не ме побарал за изјава, консултација, прашање, а се пишуваат непроверени работи. Точно е дека имам понуда од Бенфика, но тоа е единствено точно до сензационалните текстови што се појавија во јавноста. Се друго е чиста шпекулација. Понудата од Бенфика за мене е интересна од аспект на семејството, мир, помалку патувања и обврски и сл. Но, исто така во моментов имам и неколку сериозни понуди од Германија кои се исто така интересни за мојата иднина. Вистина е дека има и една понуда за на подолг период играчки и потоа добивање на функција спортски директор/скаут во една голема германска екипа. Побарав време за да можам дефинитивно да одлучам и да проценам што е најважно за мене и за моето семејство. Се други се само шпекулации и нагаѓања“ – истакнува Борко Ристовски.

Македонскиот репрезентативен голман во изминативе две сезони го носи дресот на Барселона, претходно настапуваше за Рајн Некар Левен со кој ја освои првата титула во Бундес лигата. Во Германија извесен период беше и на голот на гумерсбах, а во интернационалната кариера играше и за францускиот Кретеј и за шпанскиот Теукро. Ристовски е единствениот македонски ракометар што има настапи во трите најсилни лиги во светот – Германија, Шпанија и Франција.

Се вчитува...