Бостон брои до 15, „воините“ се налутија во Филаделфија

Бостон селтикс останува тим со најдобар скор во НБА-лигата откако синоќа забележа нова победа, на гостувањето во Атланта со 99-110. Ова беше 15. триумф во низа за селтикси, кои играат извонредна кошарка на крилата на Кајри Ирвинг, со 30 поени најефикасен и на овој натпревар. Тој ги презеде работите во свои раце откако Атланта во првото полувреме имаше „плус 16“, па го предводеше Бостон до голем пресврт. Одлична партија прикажа и Џејлен Браун, кој имаше за него рекордни во кариерата 27 поени, со 77% шут од поле.

Максимално интересно беше и во Филаделфија, каде домаќините одиграа фуриозно прво полувреме и имаа предност од огромни 22 поени против шампионот Голден стејт. Сепак, со тоа само ги налутија „воините“, кои ја добија третата четвртина со 15-47 (Стеф Кари самиот постигна 20 поени во овој период), направија целосен пресврт и на крајот заслужено славеа со 116-124. Кари го заврши мечот со 35 поени, додека Кевин Дурант учествуваше со 27 поени во новиот триумф на шампионот.

ЛА клиперс се наоѓа во огромна криза, поразот во Шарлот (102-87) беше десетти за оваа екипа на последните единаесет одиграни натпревари.

Резултати НБА:

Портланд – Сакраменто 102-90, Далас – Милвоки 111-79, Мемфис – Хјустон 83-105, Атланта – Бостон 99-110, Филаделфија – Голден стејт 116-124, Орландо – Јута 85-125, Шарлот – ЛА клиперс 102-87.

Се вчитува...