Бостон „меле“ се по ред, Харден со 38 поени, јубилеј за Грег Попович

Бостон стигна и до 13-та едноподруго победа во НБА лигата, славејќи синоќа на гостувањето против Бруклин со 102-109.

Победничкиот тим го предводеше „маскираниот“ Кајри Ирвинг, кој поради удар во лицето на мечот со Шарлот, мораше да носи маска. Ирвинг заврши со 25 поени, пет асистенции и три скока, а го следеше Маркус Морис со „дабл-дабл“ ефект од 21 поен и 10 скока. Одлична партија пружи и Ал Хорфорд со 17 поени и 11 скока.

Бостон по двата порази во првите два меча од новата сезона нанижа дури 13 победи едноподруго, играјќи можеби и најдобра кошарка во НБА лигата.

Кошаркарите на Торонто приредија изненадување победувајќи на гостувањето против Хјустон со 113-129.

Екипата на Мајк Д’Антони го доживеа само четвртиот пораз сезонава, а прв по седум меча. На Хјустон не му помогна ниту одличната партија на Џејмс Харден кој запиша 38 поени, 11 асистенции и 6 скока. Тревор Ариза постигна 20 поени.

Во победничкиот состав Демар Дерозан и Кајл Лаури беа на висина на задачата. Бекот на Торонто беше најефикасен во редовите на својата екипа со 27 поени и 6 скока, а плејмејкерот беше задолжен за разигрување со 19 поени и 10 асистенции.Во последниот меч синоќа, Сан Антонио славеше на гостувањето против Далас со 91-97. Една од полошите екипи во лигата, Далас, одигра солиден меч но не можеше против составот на Грег Попович.

Легендарниот тренер стигна до 500-та победа на гостувањата во најсилната лига во светот. За тоа му беа неопходни 835 натпревари.

Фантастичен за Сан Антонио беше Ламаркус Олдриџ со 32 поени, пет скока и четири асистенции. Го следеше Пети Мајлс со 19 поени и три скока. Најдобар кај Далас, пак, а и свој најдобар натпревар одигра рукито Денис Смит Јуниор кој постигна 27 поени.

Се вчитува...