Ботас доминираше во Австрија, Фетел ја зголеми предноста пред Хамилтон

Валтери Ботас триумфираше на трката за ГН на Австрија, задржувајќи се на чело на колоната од почетокот, па се до самиот крај од оваа пресметка. Возачот на Мерцедес тргна од пол-позицијата, остана пред Себастијан Фетел, а потоа и покрај големата битка со Германецот одолеа на неговите налети и се задржа на првото место.

По супер-интересната трка во Азербејџан пред неколку седмици, оваа денешната беше далеку поздодевна. Луис Хамилтон стартуваше од осмото место, по неколку круга успеа да стигне до петтата позиција, а потоа со добра пит-бокс стратегија да го мине и Раиконен и да дојде до четвртото место. И покрај обидите во финишот да стори нешто повеќе, Британецот не успеа да го мина Рикиардо, па за него денеска немаше место на победничкиот пиедестал.

Ботас може да биде горд на своето одлично издание, додека Фетел сигурно е задоволен бидејќи по оваа трка ја зголеми предноста во генералниот пласман пред Хамилтон. Зад Британецот, топ 10 резултати во Австрија ги комплетираа Раиконен, Грожан, Перез, Окон, Маса и Строл.

Возачот на Ферари сега има 20 бода предност во однос на Хамилтон во генералниот пласман (171-151), а Ботас опасно му се приближува на тимскиот колега, со само 16 бода заостанување зад Британецот.

Се вчитува...